Делегацијата на Европската унија (ЕУ) во Црна Гора денеска изрази загриженост заради судирот меѓу полицијата и демонстрантите во текот на синоќешниот протест во Подгорица и апелираше на враќање на политичкиот дијалог во земјата.
„Од надлежните органи очекуваме ефикасно да ги истражат сите инциденти во согласност со принципите на владеење на правото. И додека демонстрациите претставуваат легитимен и легален начин на изразување на политичките и други мислења, тие воедно треба да бидат мирни и во согласност со законот“, порача ЕУ во соопштението.
Делегацијата на ЕУ апелираше до сите политички партии повторно да се вклучат во конструктивен дијалог во рамки на Собранието на Црна Гора, кое претставува клучен форум за политичка дебата.
Во Подгорица синоќа избија немири на протестот што го организираше Демократскиот фронт (ДФ) пред Собранието на Црна Гора при обидот на демонстрантите да влезат во зградата на Парламентот. Прво дојде до туркање на демонстрантите со полицијата, а потоа врз нив полицијата фрли солзавец и шок бомби. Во текот на вечерта немири избија и во неколку делови на градот.