ЕУЛЕКС: Ситуацијата на северот на Косово се влошува

од Илинка Илиоска
220 прегледи

Според шестмесечниот извештај на мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС), ситуацијата на северот на Косово постојано се влошува. Србите изразуваат загриженост поради мерките на Приштина насочени кон институциите финансирани од Србија, како и поради акциите на косовската полиција и апсењата кои многумина ги сметаат за политички мотивирани. Овој извештај беше дел од извештајот на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, презентиран на седницата на Советот за безбедност посветена на ситуацијата на Косово.

ЕУЛЕКС истакнува дека по едностраните операции во август, како што беше затворањето на девет пошти на северот на Косово, краткотрајните апсења на двајца политичари од редовите на косовските Срби кои протестираа против мерките на Владата на Косово, како и изјавите на Владата за повторно отворање на мостот во Митровица за сообраќај, дополнително го зголемија незадоволството меѓу косовските Срби на северот на Косово.

Мисијата нагласува дека претресите биле спроведени без судски налози, а дежурниот обвинител бил информиран дури откако операцијата веќе започнала. Европската унија, со поддршка на Соединетите Американски Држави и други членови на меѓународната заедница, ја оценила полициската операција како штетна за дијалогот. ЕУЛЕКС потсетува дека испратил специјализиран тим на северот, со вкупно шест полициски советници, откако речиси 600 Срби ја напуштиле косовската полиција.

Во многу случаи, косовската полиција не ги доставила навремено релевантните информации за своите операции на северот на Косово, што негативно влијаело на способноста на мисијата да го исполни својот мандат.

ЕУЛЕКС исто така потсетува дека во мај косовските власти го одбиле барањето на поглаварот на Српската православна црква да ја посети Пеќката патријаршија, што предизвикало негативни реакции и кај Србите и кај меѓународната заедница.

Мисијата наведува дека од јули ги зголемила своите активности за надгледување на мостот на Ибар, преку засилени патроли на својата полициска единица околу мостот, во блиска координација со КФОР.

Познатиот случај на убиството на Оливер Ивановиќ, кој ЕУЛЕКС го следеше од самиот почеток, заврши во јуни со пресуди за четворица од шесте обвинети, шест години по злосторството и три и пол години по подигнувањето на обвинението.

Практиката на Апелациониот суд да ги враќа случаите на основните судови за повторно судење, често продолжувајќи ги постапките непотребно, сè уште е присутна, оценува мисијата.

Кога станува збор за општиот третман на притворениците и затворениците во косовските затвори, ЕУЛЕКС се фокусирал на Србите, како и на високо профилирани косовски Албанци, притвореници и малолетници.

„Стручњаците на мисијата се фокусираа на косовските Срби, земајќи ги предвид бројните медиумски и други извештаи за нивниот третман во притворските установи“, се наведува во извештајот.

Слични содржини