ЕВН го спроведе проектот за реконструкција на мрежата во Арачиново

од Vladimir Zorba
231 прегледи

Благодарение на цврстата соработка помеѓу ЕВН, Министерството за економија, општината, МВР и Обвинителството, проектот за реконструкција на мрежата во Арачиново заврши во рекордно време. Покрај тоа, бројот на дефекти е сведен на минимум, овозможено е непрекинато и квалитетно снабдување со електрична енергија, како и далечинско читање на податоците за потрошената електрична енергија, а нисконапонска мрежа сега е целосно безбедна за корисниците.

Инвестициите во мрежата и точното мерење на потрошувачката се важни за корисниците бидејќи истите добиваат точен увид во својата потрошувачка. Дополнително, тоа поттикнува стекнување корисни навики што ја зголемуваат свесноста за штедење и води кон зголемена енергетска ефикасност. Овие придобивки се особено важни во услови на раст на цената на електричната енергија, пренесува Алсат.

„Во септември 2022г. започнавме со реализација на еден специфичен проект во село Арачиново. Направена е замена на сите мерни ормари со нови специјални и нивна монтажа исклучиво на бетонски столбови, замена на сите броила со броила со далечинска комунијација, инсталација на специјални катанци со посебна контрола, како и овозможен е надзор 24/7 во делот на нисконапонската мрежа. Преработени се над 850 ормари, дислоцирани се над 2800 броила и инсталирана е надземна нисконапонска мрежа од 50 км.“ – изјави Петре Станков, проект менаџер во ЕВН за емисијата на Алсат.

„Со поддршка на МВР сме ги надминале предизвиците во селото кога поединци се обидуваа да не спречат во работата. Повеќето жители сакаа да се престане со кражбите, а со самото престанување на кражбите имаше подобрување на дистрибутивната мрежа и со тоа успеавме без проблем да го снабдуваме тој дел и жителите да немаат проблеми со секојдневното снабдување со енергија.“ изјави Ардит Садику, раководител на Корисничкиот енерго центар „Васил Главинов“.

Екипите на ЕВН Електродистрибуција година дена работеа на реализација на проектот за реконструкција и модернизирање на мрежата. Главните придобивки на ваквите проекти се намалување на загубите, како и сигурно и квалитетно снабдување со електрична енергија. Загубите пред започнување на проектот беа 80%, денес изнесуваат помалку од 10%.

Слични содржини