Од денеска, Европа воведе забрана за увоз на руски дизел гориво и други нафтени деривати, со што дополнително се намалува нејзината зависност од Москва додека се обидува да го казни Кремљ за воената инвазија на Украина.
Забраната е воведена заедно со ограничување на цената на нафтените деривати, пренесе АП.
Целта е да се дозволи дизелот да продолжи да се испорачува во земји како Кина и Индија и да се избегне ненадејно зголемување на цената на ова гориво, што ќе им наштети на потрошувачите ширум светот, а во исто време ќе го намали профитот што го прави Москва за државниот буџет.
Дизелот е од клучно значење за економијата бидејќи се користи во автомобили, камиони за транспорт на стоки, земјоделски машини и фабрички машини. Членките на ЕУ отсега ќе купуваат дизел гориво од САД, Блискиот Исток и Индија за да го заменат руското гориво кое во еден момент покриваше десет проценти од потребите на Европа.
Цената на дизелот може да се зголеми поради зголемените транспортни трошоци и закрепнувањето на побарувачката во Кина, чија економија излегува од драконските ограничувања наметнати поради Ковид.