Терористичката група “Исламска држава” подготвува нови големи напади во земји од ЕУ, особено Франција, и ќе се насочи главно против граѓанското општество. Ова го изјави директорот на Европол Роб Вајнрајт за време на отворањето на новиот Европски центар за борба против тероризмот во Амстердам.

Џихадистите имаат стратегија за големи терористички напади во целиот свет, со фокус на Европа, предупреди Вајнрајт.
Новоотворениот центар треба да ги поправи еден од главните недостатоци на борбата против тероризмот на европско ниво – недоволната размена на информации помеѓу државите, кои немаат доволно доверба во чувствителната област на разузнавањето.
Новата структура е платформа за размена на информации помеѓу земјите од ЕУ и координација на меѓународните операции за борба против тероризмот, трговијата со оружје и финансирањето на терористички активности.
Центарот се наоѓа во седиштето на Европол во Хаг и почна со работа на 1 јануари. Во него во моментов работат околу 30 експерти за анти-тероризам од европски земји, но наскоро нивниот број ќе се зголеми на 40-50. Една од главните задачи ќе биде следењето на петте илјади Европејци, кои се бореле на страната на ИСИС во Сирија и Ирак и се вратија во Европа.