На членовите на Европскиот парламент им беа понудени специјални заштитни кеси за нивните дигитални уреди со цел да се спречи шпионажа и неовластен пристап за време на нивната посета на Унгарија оваа недела, што претставува јасен показател за зголемената загриженост околу можноста за прислушување во земјата.
Петмина европратеници од Комитетот за граѓански слободи на Европскиот парламент во понеделник отпатуваа во тридневна посета на Унгарија за да го оценат напредокот на земјата-членка на ЕУ во областите на демократијата, владеењето на правото и основните човекови права.
Еден од пратениците што беа дел од делегацијата потврди за Politico дека на европратениците им биле понудени таканаречени чанти „Фарадеј“, специјални кеси обложени со метал што ги блокираат електромагнетните сигнали, а им било и советувано да внимаваат при користење јавни Wi-Fi мрежи и полначи. Унгарија и претходно беше предмет на критики од страна на европратениците поради наводната употреба на шпионски софтвер.
Во 2023 година, Специјалната истражна комисија на Европскиот парламент за употребата на шпионски софтвер (ПЕГА) спроведе мисија за собирање информации откако беше откриено дека ваков софтвер бил користен за следење на опозициски политичари, новинари и претставници на граѓанското општество во земјата. Дополнително, Унгарија се најде под лупа на ЕУ откако белгиски и унгарски медиуми објавија кон крајот на минатата година дека нејзините разузнавачки служби ги шпионирале претставниците на ЕУ кои ја посетиле земјата во периодот од 2015 до 2017 година, пребарувале хотелски соби и снимале телефонски разговори.