Европската комисија ја лансираше првата соларна академија

од Vladimir Zorba
51 прегледи

Европската комисија ја лансираше Европската соларна академија, прва од серијата академии што ќе се имплементираат според Законот за нето нулта индустрија (NZIA).

Овој закон беше усвоен во мај годинава со цел Европската унија полесно да ја постигне целта за учество од 43 отсто на обновливата енергија во енергетскиот микс до 2030 година, со аспирација да достигне 45 отсто.

Сончевите електрани моментално се водечки во Европа кога станува збор за новите капацитети за ОИЕ, а со цел дополнително да се поттикне развојот на овој обновлив извор на енергија, комисијата ја усвои стратегијата на ЕУ за соларна енергија во мај 2022 година како дел од планот REPowerEU. Целта на стратегијата е да се додадат над 320 GW сончева енергија до 2025 година или близу 600 GW до крајот на деценијата.

Според тоа, се проценува дека на соларниот сектор ќе му бидат потребни околу 66.000 квалификувани работници до крајот на 2030 година со цел ЕУ да ги исполни своите амбициозни цели и да обезбеди индустриска конкурентност, објави Европската комисија.

Соларната академија има за цел да обучи 100.000 работници во следните три години и со тоа да го надмине моменталниот јаз во работната сила и вештините неопходни за развој на сончевата енергија во Европската унија.

Покрај дизајнирањето на содржини за учење во соработка со индустријата и други релевантни страни, Соларната академија ќе овозможи и акредитација на стекнатите вештини. Планот е да се спроведе програмата преку локални партнери, кои би можеле да бидат универзитети, компании и даватели на професионална обука и образование со кои Академијата ќе потпише договори.

По успешната имплементација на Европската академија за батерии во 2022 година, оваа академија ја претставува најновата иницијатива на Европската комисија која ги поддржува целите дефинирани во рамките на Европскиот зелен договор и планот REPowerEU.

Комисијата издвои девет милиони евра од Програмата за единствен пазар за лансирање на Европската соларна академија.

Слични содржини