Европската комисија на мета на хакери: Дел од податоците веројатно се украдени

Нападната е cloud-инфраструктурата што се користи за платформата Europa.eu, на која се наоѓаат интернет-страниците на Европската комисија, Европскиот парламент, Советот на ЕУ и други европски институции.

од Кристијан Димков
13 прегледи

Европската комисија истражува кибернетички напад врз своите интернет-страници, кој беше откриен изминатиот вторник. Првичните наоди на извршното тело на ЕУ покажуваат дека дел од податоците најверојатно се украдени, дознава Политико.

Од ЕК соопштуваат дека се преземени „итни чекори“ за ставање на ситуацијата под контрола. Нападната е cloud-инфраструктурата што Комисијата ја користи за платформата Europa.eu, на која се поставени интернет-страниците на Европската комисија, Европскиот парламент, Советот на ЕУ и други европски институции, но не и внатрешните системи.

Во меѓувреме, владите на земјите членки на ЕУ и големите компании сè почесто се мета на хакерски групи, особено оние поддржани од држави како Русија или Кина. Раководителот на европската агенција за кибернетичка безбедност ENISA неодамна предупреди дека Европа „масовно ја губи“ оваа битка.

Треба да се потсети дека во 2024 година беше хакиран системот за човечки ресурси на Европскиот парламент. Засега не е познато кој стои зад најновиот напад.

Телото познато како CERT-EU, задолжено за кибернетичката безбедност на европските институции, соопшти дека ја следи ситуацијата и дека дополнително ќе анализира што се случило.