На националното законодавство е да одлучи дали вакцинацијата против ковид-19 ќе биде задолжителна или неопходна во одредени случаи, а Европската комисија нема надлежност над тоа, изјави денеска портпаролот на ЕК, Стефан де Керсмакер.
Во врска со различните ставови низ цела ЕУ за обврската за вакцинирање против ковид-19, односно неопходноста од доказот на вакцинацијата со цел да се извршат одредени дејства, како што се патување со авион или влегување во ресторани, ЕК вели дека тоа е на државите сами да донесат одлуки како дел од нивните кампањи за вакцинација.
– Во исто време, ја нагласуваме важноста од продолжување на вакцинацијата на граѓаните. Тоа е најдобриот начин да се најде излез од оваа пандемија. И тоа е особено важно за оние кои се во ранливите групи и имаат поголем ризик од инфекција со нови видови – вели Керсмејкер.
Во Брисел повторуваат дека целта на 70 отсто од вакцинираната возрасна популација во ЕУ е остварлива до крајот на јули, бидејќи доволен број вакцини се доставени до земјите-членки.
– Но, останува и на самите земји да извршат вакцинација – заклучуваат во Брисел.