Европската централна банка формираше работна група за дигиталното евро

од Vladimir Zorba
307 прегледи

Европската централна банка формираше официјална работна советодавна група која ќе се занимава со проектот за дигитално евро. Членови на оваа група ќе бидат 30 искусни професионалци од банкарскиот и финансискиот сектор кои ќе ја проучуваат ситуацијата и ќе му даваат совети на Евросистемот, кој го сочинуваат Европската централна банка (ЕЦБ) и националните банки на земјите-членки на ЕУ, каде што еврото е усвоено како заедничка валута.

Покрај искуството во овој сектор, советниците на ЕЦБ имаат и широко разбирање за платниот систем и пазарот во еврозоната. „Нивната експертиза ќе помогне да се интегрираат ставовите на идните корисници и дистрибутери на дигиталното евро за време на оваа истражувачка фаза“, рече Фабио Панета, член на Извршниот одбор на Европската централна банка.

Членовите на работната група ќе учествуваат во неa во свое име, советувајќи за дизајнот и дистрибуцијата на потенцијално дигитално евро од перспектива на банкарската индустрија и како оваа дигитална валута може да додаде нова вредност на сите учесници во сложениот и разновиден екосистем врзан за плаќање во евра. Во работата на групата ќе учествуваат и претставници на Европската комисија и националните централни банки на земјите од еврозоната.

Состаноците на групата ќе се одржуваат најмалку еднаш квартално, почнувајќи од ноември оваа година. Помеѓу состаноците ќе се организираат писмени консултации. Членовите на Евросистемот ќе продолжат со други подготовки за дигиталното евро, ќе ја истражуваат јавноста и трговците, ќе спроведуваат истражувања и ќе одржуваат технички работилници со претставници на финансискиот сектор.

ЕЦБ претходно појасни дека дигиталното евро нема да биде криптовалута или стабилна валута како постоечките решенија, туку вистинска дигитална замена за банкнотите. Таа треба да биде едноставна, универзално прифатена, безбедна, без ризик, но не би ја заменила готовината туку би била нејзин додаток. Може да се користи во екстремни ситуации, на пример ако луѓето повеќе не се толку склони кон физички банкноти и монети поради пандемија.

Слични содржини