Европската унија на чекор до историски договор со Кина: „Преговорите завршуваат наскоро“

од Stefanija Kuzmanovska
189 прегледи

Една недела откако Брисел го заврши договорот за „развод“ со Лондон, Европската унија е на чекор до нов историски трговски договор, но овој пат со Пекинг. Како што се очекуваше, по шест години макотрпни преговори, ЕУ и Кина треба да го запечатат трговскиот договор денес или најдоцна утре. Сеопфатниот договор за инвестиции (КАИ) во Брисел ќе го потпишат извршниот потпретседател на Европската комисија задолжен за трговија, Валдис Домбровски и претставникот на Пекинг, Лиу Хе.

Според европските официјални лица, целта на овој договор е компаниите од ЕУ да добијат ист пристап на тамошниот пазар како што веќе имаат кинеските компании на пазарот на ЕУ. Овој договор ќе ги подобри условите на конкуренција и ќе обезбеди дополнителна заштита за европските инвестиции во Кина.

Колку е тоа важно за разнишаната економија на евро-блокот поради епидемијата на коронавирусот, зборува фактот дека Кина, чиј пазар продолжува да расте, ги престигна Соединетите држави и стана главен трговски партнер на ЕУ. Во првите девет месеци од 2020 година, трговијата меѓу Кина и ЕУ надмина 420 милијарди евра.

„Преговорите завршуваат наскоро и сè изгледа добро. Остануваат само неколку мали детали. Како што стојат работите сега, овој политички договор меѓу ЕУ и Кина ќе биде потпишан во среда“, изјави официјално лице на Брисел за „Ројтерс“ во понеделникот, за време на разговорите зад затворени врати.

Слични содржини