Мнозинството во Европскиот парламент во вторникот во Стразбур го поддржа предлогот за резолуција со која се бара признавање на истополови бракови и регистрирани партнерства во сите земји-членки.
Резолуцијата со која Европскиот парламент бара ЕУ да ги отстрани сите пречки со кои се соочуваат ЛГБТИ лицата во остварувањето на нивните основни права, беше поддржана од 387 пратеници, а 161 гласаа против, додека 123 беа воздржани.
Во резолуцијата се наведува дека истополовите сопружници и партнери треба да се третираат на ист начин како и хетеросексуалците, и дека браковите и партнерствата склучени во една од земјите на ЕУ треба да се признаат и во другите земји-членки.
Еднакви права за сите
Мнозинството европратеници веруваат дека семејствата на истополови поединци и двојки треба да имаат исти права како и оние на хетеросексуалците во сите земји на Унијата.
Ова исто така важи и за правото на семејствата да се обединат, со цел да се обезбеди непречена преселба во други земји во рамките на ЕУ.
Во резолуцијата, европратениците ја повикаа и Европската комисија да преземе мерки против Романија, Унгарија и Полска за кршење на правата на ЛГБТИ лицата, како и основните вредности на ЕУ.
Романската влада не го ажурираше националното законодавство откако Европскиот суд одлучи дека одредбите за „брачни другари“ да се применуваат за истополовите парови, како и за хетеросексуалците.
Во Унгарија, дискриминаторскиот закон стапи на сила во јули оваа година, со кој се забранува употреба на содржини поврзани со хомосексуалноста и трансродовите односи во училиштата.
Во Полска, минатата година, голем број градови и провинции го прогласија својот простор „ослободен од ЛГБТИ идеологијата“, што Европскиот парламент остро го осуди и одговори, прогласувајќи ја во март целата Европска унија „простор за слобода на ЛГБТИ лицата“.