Европскиот парламент го поддржа воведувањето дигитални сертификати како за граѓаните на ЕУ, така и за државјани на трети земји.
Усвоениот пакет мерки предвидува сите земји-членки на ЕУ да прифатат сертификати за вакцинација, негативен резултат од тест или за прележан ковид, што треба да го олесни слободното движење во ЕУ, да доведе до постепено укинување на ограничувањата на координиран начин и да придонесе за економски закрепнување.
Дигиталните зелени сертификати треба да започнат да се применуваат на 1 јули 2021 година и да важат 12 месеци.
Европскиот парламент го поддржа предлогот сертификатите да се издаваат бесплатно од националните власти на земјите-членки и да бидат достапни во дигитална и хартиена форма, кои ќе имаат QR-код.
Европратениците инсистираат на тоа дека земјите од ЕУ нема да можат да воведат дополнителни ограничувања за патување на имателите на сертификати – како што се карантин, самоизолација или тестирање – „освен ако не се неопходни и пропорционални за да се заштити јавното здравје“.
Сите земји на ЕУ мора да прифатат сертификати за вакцинација издадени во други земји-членки за вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА).