Европскиот парламент ја осуди репресијата на Анкара врз опозицијата во Турција

од Vladimir Zorba
122 прегледи

Европскиот парламент денеска усвои резолуција со која се осудува репресијата врз опозициските политички партии во Турција, а од властите во Анкара се повикуваат да обезбедат сите партии слободно и целосно да ги извршуваат своите легитимни активности во согласност со основните принципи на плуралистички и демократски систем.

Европратениците најостро го осудија обвинението поднесено од главниот турски јавен обвинител со кое се бара распуштање на Народната демократска партија, трета по големина политичка партија во турскиот парламент.

Се додава дека ова е „кулминација на долгорочна акција“ против оваа партија, нејзините лидери и членови и бара нивно непречено учество во турските демократски институции.

Европратениците, исто така, ја осудуваат одлуката на турските власти да ги отстранат демократски избраните градоначалници од функцијата врз основа на сомнителни докази и да ги заменат со „неизбрани комесари“.

Исто така, се посочува на политички, законодавни и административни мерки преземени од турската влада за „парализирање на општините“ управувани од градоначалниците на опозициските партии во Истанбул, Анкара и Измир.

„Овие активности продолжуваат да ја поткопуваат способноста на политичката опозиција да ги користи своите права и да ги исполнува своите демократски улоги“, истакнуваат европратениците.

Тие предупредуваат дека покрај подобрувањата во надворешната политика, напредокот на секоја „позитивна агенда“ меѓу ЕУ и Турција треба да зависи и од подобрувања во човековите права и владеењето на правото во земјата, вклучително и правата на жените, верската слобода и правата на етничките малцинства и ЛГБТИ заедниците.