Европскиот совет ја повтори итноста за постигнување „опиплив напредок“ во решавањето на отворените спорови на Западен Балкан и го нагласи дијалогот Белград-Приштина, кој треба да има за цел „нормализирање на односите“ меѓу Србија и Косово, според нацрт-заклучокот што го подготви Шарл Мишел за средбата закажана за 23 и 24 јуни.
Документот, до кој Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше пристап, го поздрави договорот постигнат од лидерите на Босна и Херцеговина на 12 јуни во Брисел и ги повика политичките лидери во БиХ да ги спроведат своите обврски што е можно поскоро, додавајќи дека нивната имплементација ќе овозможи напредок на БиХ кон статусот на кандидат за членство во ЕУ.
Нацртот, исто така, потсетува на важноста на реформите во Западен Балкан, особено во областа на владеењето на правото. Се потенцираат независноста и ефикасноста на судството, борбата против корупцијата и гарантирањето на правата на малцинствата.
Европскиот совет, како што се наведува, е посветен на недвосмислената перспектива на членството на Западен Балкан и повикува на забрзување на тој процес „заснован на заслуги“.
Тема на средбата ќе бидат и преговорите меѓу Бугарија и С. Македонија за влез во ЕУ, но во нацрт-заклучоците не е прецизирано кој ќе биде точниот заклучок за ова прашање.
Од друга страна, се поздравува исполнувањето на критериумите на Хрватска за усвојување на еврото на први јануари 2023 година.
Советот треба да расправа и за стратешкиот предлог за основање на Европската политичка заедница.
Идејата е да се понуди нова координативна платформа за сите европски земји, која, како што се наведува, би можела да се однесува и на земјите од Западен Балкан, но и на земјите од Источното партнерство, пишува РСЕ.