Европските министри за внатрешни работи на 14 септември на средба во Тирана

од Radmila Tasevska

Албанскиот министер за внатрешни работи, Таулант Бала, информираше дека следната недела во Тирана ќе се одржи состанок на министрите за внатрешни работи на земјите учеснички во Берлинскиот процес, средба која му претходи на Самитот во Тирана, што ќе се одржи идниот месец.

Бала преку објава на социјалните мрежи наведува дека на средбата со евроамбасадорот во Тирана, Луиџи Сореца, главна тема била соработката со ЕУ за прашања поврзани со безбедноста, миграцијата и борбата против организираниот криминал.

– Следната недела, на 14 септември, во Тирана ги пречекуваме министрите за внатрешни работи на земјите учеснички во Берлинскиот процес. Состанокот на министрите за внатрешни работи му претходи на Самитот во Тирана и има за цел да ја продлабочи соработката, регионалната интеграција и да ја забрза интеграцијата на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија, напиша Бала.

Тој додаде дека со амбасадорот Сореца, привремен вршител на должноста, кој штотуку се врати во Тирана разговарале и за блиската соработка со ЕУ за прашања поврзани со безбедноста, миграцијата, борбата против организираниот криминал, како и за потребната поддршка во рамките на ИПА програмите“.

Сореца, по една година од напуштањето на функцијата амбасадор на делегацијата на ЕУ, во Тирана се врати на почетокот на месецов и ќе остане до наименување на нов eвроамбасадор.

Инаку, како што деновиве објави германската амбасада во оваа земја, Берлинскиот процес доаѓа за првпат во регионот, поточно, во Тирана, на 16 октомври каде ќе се одржи следната средба на високо ниво.

Целта на Берлинскиот процес е продлабочување на регионалната интеграција и лидерството на балканските земји.

Слични содржини