Светскиот економски форум се пресели на интернет од Давос, каде што се одржа минатата недела. Меѓу говорниците беше и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, која меѓу другото зборуваше за тоа како ќе биде неопходно да се зголемат инвестициите во Европа во развој и производство на полупроводнички чипови.
Таа го нарече клучен секторот на полупроводници, бидејќи побарувачката за чипови рапидно расте, а без нив не може да се произведе ништо „дигитално“ – било да е тоа автомобили, компјутери, мобилни телефони, апарати за домаќинство или респиратори кои спасуваат живот.
Неприфатлива зависност од увоз
Европската побарувачка за чипови ќе се удвои во следната деценија, рече фон дер Лејен, „затоа треба радикално да го зголемиме европскиот ангажман во развојот, производството и употребата на оваа технологија“.
Европа е веќе значаен глобален играч во истражување и развој на чипови, а во исто време е многу добро позиционирана кога станува збор за материјали и опрема за изградба на големи фабрики за чипови.
„Но, уделот на глобалниот пазар на Европската унија е само 10%, така што денес повеќето чипови доаѓаат од неколку производители надвор од Европа“, предупредува Фон дер Лејен, додавајќи дека повеќе не можеме да си дозволиме таква зависност.
Таа предложи и план за развој – до 2030 година, според неа, 20% од светското производство треба да биде лоцирано во Европската унија. Ако се има предвид дека дотогаш светскиот пазар ќе се удвои, тоа значи дека количините на чипови произведени во ЕУ ќе треба да се зголемат четирикратно за да се постигне оваа цел.
Се планираат стимулации
„Немаме време за губење“, вели претседателот на ЕК, најавувајќи дека во февруари ќе претстави регулаторен предлог наречен Европски акт за чипови (European Chips Act). Тоа ќе овозможи напредок во пет клучни области:
* Зајакнување на капацитетите за истражување и иновации,
* Обезбедување на европска водечка позиција во дизајнот и производството,
* Приспособување на правилата за државна помош, со цел за прв пат да се поттикнат нови производствени капацитети, кои не постојат во светот,
* Зајакнување на способноста да се предвиди и да се одговори на недостигот и проблемите во снабдувањето со чипови,
* Грантови за мали, иновативни компании.
Европа, рече таа, ќе остане отворена и поврзана со другите пазари, што е во интерес на сите. Сепак, треба да се решат тесните грла во снабдувањето, кои го забавуваат нашиот развој.
„Ова ќе ни помогне да станеме силен играч, не само во некои ниши, туку и во целиот синџир“, заклучи Фон дер Лејен.