Еврото на 21-месечен минимум, „тонат“ и валутите на земјите од ЦИЕ

од Vladimir Zorba
234 прегледи

Еврото денеска падна блиску до 21-месечен минимум поради загриженоста дека руската воена акција во Украина ќе го загрози европскиот раст, додека валутите поврзани со суровини достигнаа повеќенеделни максимални вредности поради зголемените извозни цени.

Според последните расположливи податоци, еврото се тргуваше за 1,1097 долари, нешто над минималниот од 1,1058 долари, кој падна во текот на ноќта, што беше негова најниска вредност од мај 2020 година, пренесе Ројтерс.

Единствената валута на еврозоната потона за 1,5 отсто од почетокот на неделата и е на пат да ја заврши четвртата недела по ред со загуба во однос на американскиот долар.

Австралискиот долар се тргуваше за 0,7300 американски долари, нешто пониско од седумнеделниот максимум од 0,7306 долари постигнат во средата, бидејќи цените на австралиските извозни стоки, како што се јаглен, гас, течен природен гас и житарки, скокнаа поради стравувањата дека западните санкции против Русија сериозно ќе го нарушат глобалното снабдување.

Еврото паѓа во однос на австралиската валута девет сесии по ред и се менува за 1,5218 австралиски долари, по најнизок курс во последните четири години.

„Во сегашната криза веруваме дека еврото е многу ранливо. На корпоративно ниво имаме мрежа на сложени односи меѓу ЕУ и руските компании, особено во енергетскиот сектор. Цените на енергијата се зголемија како и цените на многу земјоделски производи. Затоа, војната во Украина навестува уште поголема и подолготрајна инфлација и можно забавување на економскиот раст“, ​​вели Џејн Фоли, виш девизен стратег во „Рабобанк“.

Британската фунта, исто така, е на надолна траекторија од почетокот на рускиот напад врз Украина, иако денеска во азиската трговија успеа малку да закрепне во однос на доларот на 1,341 долар од вчерашното ниско ниво од 1,3275 долари.

Сигурните валути, како јенот и швајцарскиот франк, синоќа благо паднаа поради зајакнувањето на доларот и поризичните валути. Јенот се тргуваше по 115,67 јени за долар.

Индексот на американскиот долар во однос на кошничката валути изнесува 97.502 поени.

Острите западни санкции влијаат на вредноста на руските средства и на рубљата, која во средата во Москва падна на 110 рубљи за долар. Рубљата беше малку посилна во меѓубанкарското тргување надвор од Русија и се менуваше по стапка од 98 рубљи за долар.

Под притисок се и валутите на источноевропските земји, при што унгарската форинта преку ноќ забележа рекордно ниско ниво во однос на доларот и еврото, додека полската злота падна на најниско ниво во последните две децении.

На крипто-пазарот, биткоинот ја загуби динамиката на раст од почетокот на неделата и потона на околу 43.500 долари, наведува британската агенција.

Слични содржини