Еврото на најниско ниво во однос на доларот од ноември 2020 година

од Vladimir Zorba
222 прегледи

Доларот остана на највисоко ниво во тековната година денес по зајакнувањето во последните денови, а приносите на американските државни должнички хартии од вредност истовремено пораснаа поради стравувањата на инвеститорите дека Федералните резерви (ФЕД) ќе почнат да ги повлекуваат стимулативните мерки во исто време кога глобалниот раст забавува.

Еврото падна на 1,1657 долари, најниско ниво од ноември 2020 година, додека индексот на доларот, кој ја следи вредноста на американската валута во однос на кошницата од шест главни ривали, се искачи на највисоко ниво во последниве единаесет месеци од 93.891 поени, пренесе Ројтерс.

Јапонскиот јен, кој е чувствителен на растот на американските приноси, бидејќи повисоките стапки можат да привлечат финансиски текови од Јапонија, потона на минимум во последнава година и половина, од 111.685 јени на доларот, по што делумно закрепна на 111,47.

За време на трговијата, јенот скоро и да не реагираше на изборот на Фуми Кишида за лидер на владејачката Јапонска либерално -демократска партија (ЛДП), со што практично се осигура дека ќе стане следниот премиер на таа земја.

Британската фунта, која падна во вторникот поради загриженоста поврзана со економските последици од недостаток на гас и општиот недостаток на гориво, го продолжи трендот на намалување, паѓајќи на најниско ниво во однос на американската валута од 1.3505 долари.

Приносот на американските хартии од вредност во пораст е во последниве денови поради се поверојатно опаѓање на економските стимулативни програми пред крајот на годината, а најверојатно високата инфлација ќе трае подолго отколку што првично се мислеше. Приносот на референтните десетгодишни државни обврзници денеска благо опадна, но на ниво од 1,5132 проценти, тој се уште е зголемен за околу 20 основни поени од почетокот на неделата.

Во исто време, цените на енергијата се зголемуваат поради нервозата на пазарите поврзана со економскиот раст на Кина, која сега е изложена на ризик и поради градежниот гигант „Евергранде“, и поради ограничувањата на електричната енергија што влијаат врз производството.

Кинескиот јуан досега покажа отпорност и покрај зајакнувањето на доларот, но денеска „забави“, откако јапонскиот државен пензиски инвестициски фонд објави дека нема да купува кинески државни обврзници дури и по нивното вклучување во главниот индекс.

Индексот на валута MSCI за пазарите во развој го претрпе најостриот пад во последните три недели во текот на ноќта, и денес продолжи да тоне на најниско ниво во последниов месец.

Слични содржини