Еврото го задржа статусот на втора најважна валута во светот во 2022 година, зад американскиот долар, и покрај серијата шокови, вклучувајќи ја високата инфлација и руската инвазија на Украина, објави во средата Европската централна банка (ЕЦБ).
Во 2022 година учеството на еврото во официјалните девизни резерви ширум светот, приспособено според девизните курсеви, се зголеми за 0,5 процентни поени на 20,5 отсто, објави ЕЦБ.
Доларот повторно беше убедливо најзастапен со учество од околу 59 отсто. Резервната валута е онаа која често се користи во светската трговија, па затоа ја чуваат во резерви и централните банки на другите земји.
„Еврото беше отпорно во својата меѓународна улога и во 2022 година, и покрај серијата нови шокови“, рече претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.
„Сепак, статусот на меѓународна валута не треба да се зема здраво за готово. Во новото опкружување, европските претставници имаат уште поголема одговорност да создадат услови за просперитет на еврото“, посочи таа.
Европските регулатори долго време се залагаат за забрзана интеграција на финансиските и пазарите на капитал во еврозоната, вклучувајќи го и натамошниот развој на унијата на пазарите на капитал чија цел е отстранување на бирократските и регулаторните бариери меѓу земјите за да им се олесни на компаниите да собираат пари.
Европската комисија смислува планови за овој проект од 2015 година.
„Понатамошната европска економска и финансиска интеграција ќе биде клучна за зајакнување на отпорноста на меѓународната улога на еврото во услови на потенцијално поизразени поделби во светската економија“, изјави Фабио Панета, член на извршниот одбор на ЕЦБ.