Вредноста на доларот денеска се тргува блиску до најниското ниво во последните два месеци во однос на еврото, додека трговците ги очекуваат резултатите од среднорочните избори во САД и податоците за инфлацијата во САД кои треба да се достават оваа недела, што ќе влијае на пазарните проценки за изгледите за каматните стапки на Федералните резерви.
Вниманието на инвеститорите е насочено и кон криптовалутите кои се стабилизираа по вчерашниот остар пад, кога нервозата поврзана со стабилноста на девизниот курс на токените FTX предизвика наплив на повлекувања, додека конечно не беше објавен договор за спас според кој берзата Binance ќе ја преземе FTX.
Еврото денеска е малку променето и се тргува за 1,0066 долари, откако преку ноќ достигна 1,0096 долари, што е највисоко ниво од 13 септември, пренесува Ројтерс.
Доларот ослабе во однос на јапонската валута на 145,17 јени во азиската трговија, што е најслаб во однос на јенот овој месец, а исто така падна и во однос на швајцарскиот франк на 0,9823 франци, што е најниско ниво во последните пет недели.
Американската валута беше под притисок да ослабне во последната недела поради облозите на пазарните субјекти дека ФЕД ќе го омекне зголемувањето на основната каматна стапка и дека Кина ќе ги олабави мерките за КОВИД за стимулирање на економската активност.
Индексот на доларот, кој е на пат да ја забележи најдобрата година во последните речиси четири децении, неделава досега потона за околу 1,0 отсто во однос на кошот на ривалите, а денеска се движи на ниво од 109,68 поени.
Британската фунта се задржа на 1,1540 долари, додека австралискиот и новозеландскиот долар зајакнаа во однос на нивниот американски ривал во текот на ноќта и ги достигнаа повеќенеделните највисоки нивоа пред малку да се повлечат од тие нивоа за време на азиската сесија.