На светските берзи курсот на еврото во однос на доларот силно порасна минатата недела, достигнувајќи највисоко ниво за повеќе од еден месец, откако Европската централна банка (ЕЦБ) ги зголеми каматните стапки и најави можност за дополнително заострување на монетарната политика. Индексот на доларот, кој го покажува движењето на вредноста на САД во однос на другите шест најважни светски валути, минатата недела падна за 1,2 отсто, на 102,25 поени, што е блиску до најниското ниво во последниот месец.
Истовремено, курсот на доларот во однос на европската валута потона за 1,8 отсто, па цената на еврото достигна 1,0940 долари, највисоко ниво во последните речиси пет недели.
Цената на доларот порасна во однос на јапонската валута, за 1,7 отсто, на 141,80 јени.
Зајакнувањето на еврото е благодарение на зголемувањето на каматните стапки во еврозоната на највисоките нивоа во последните 22 години.
Имено, Европската централна банка (ЕЦБ) минатата недела повторно ги зголеми клучните каматни стапки за четвртина процентен поен.
Каматната стапка за рефинансирање на банките во иднина ќе биде 4 отсто, а на депозитите преку ноќ во банките 3,5 отсто. Комерцијалните банки во иднина ќе плаќаат каматна стапка од 4,25 отсто за кредитите преку ноќ.