На светските берзи курсот на европската валута во однос на доларот порасна минатата недела, откако американската и европската централна банка повторно ги зголемија каматните стапки и најавија натамошни поскапувања на парите. Индексот на доларот, кој го покажува движењето на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, минатата недела падна за 0,2 отсто, на 104,69 поени.
Истовремено, доларот ослабе за 0,4 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото достигна 1,0585 долари.
Курсот на доларот во однос на јапонската валута остана речиси непроменет на неделно ниво, на 136,60 јени.
Инвеститорите беа фокусирани на ФЕД, кој го забави темпото на зголемување на каматните стапки на последната седница од годината.
По серијата зголемувања за 0,75 процентни поени, минатата недела ФЕД ги зголеми каматните стапки за 0,50 поени, на опсег од 4,25 до 4,50 отсто, што е нивно највисоко ниво во последните 15 години.
Дополнително, оценките на челниците на централните банки укажуваат дека каматните стапки ќе се подигнат на повисоки нивоа од очекуваното и дека ќе останат на тие нивоа подолго од очекуваното.