Закрепнувањето на еврозоната во април, од економскиот пад предизвикан од пандемијата, е многу посилно отколку што се очекуваше, бидејќи услужната индустрија се прилагоди на условите на блокадата и одеднаш се врати на патеките за раст, се вели во денешното истражување на аналитичката компанија „ИХС Маркит“.
Бидејќи континентот се соочува со нов бран на епидемија Ковид-19, владите повторно воведоа строги ограничувања за да спречат ширење на инфекцијата, принудувајќи дел од компаниите повторно да се затворат и да ги држат граѓаните дома. Затоа, се очекуваше економското закрепнување да биде значително послабо во овој квартал.
Сепак, според резултати од истражувањето на „ИХС Маркит“, индексот на композитни менаџери за набавки (PMI), кој се смета за сигурен показател за економското здравје, во април се искачи на деветмесечен максимум, на 53,7 поени од 53,2 поени во март.
Бројка над 50 поени укажува на раст на економската активност. Во доминантниот сектор на услуги, индексот PMI се искачи на 50,3 поени од мартското ниво од 49,6 поени, надминувајќи ја просечната прогноза на економистите во анкетата на Ројтерс, која предвидуваше пад на 49,1 поен.
Во исто време, за фабриките во монетарната унија, ова е најактивниот месец од средината на 1997 година, кога започна да се спроведува ова истражување, при што индексот ја мери вредноста на производството и го достигнува највисокото ниво.
Француската деловна активност, исто така, стана посилна отколку што се очекуваше, бидејќи втората по големина економија во еврозоната покажа знаци на отпорност. Во Велика Британија, компаниите се презаситени со нови нарачки, бидејќи земјата укинува некои од ограничувањата наметнати поради „Ковид“, што укажува на брзо закрепнување на економијата.