Асистентот за вештачка интелигенција на Meta ќе нурне подлабоко во вашите активности за да ви понуди персонализирани препораки. Ќе ги следи вашите објави, работите што ги гледате и вашата моментална локација. Функцијата моментално е ограничена на неколку региони.
Meta му дава на својот асистент со вештачка интелигенција подобрена „меморија“, известува Engadget. Најновото ажурирање му овозможува на четботот да „запомни одредени детали што ги споделувате со него во приватни разговори“ и ја користи вашата активност на Facebook и Instagram за да обезбеди персонализирани препораки.
Оваа промена, која првично ќе биде достапна за корисниците во САД и Канада, ќе и овозможи на Meta AI да ги следи вашите преференции врз основа на информациите што ги споделувате во разговорот. Во блог пост, компанијата дава пример за ограничувања во исхраната и алергии, така што вештачката интелигенција ќе „запомни“ и ќе препорача рецепти што одговараат на вашите потреби.
Покрај тоа, асистентот ќе може да следи и други лични информации, вклучувајќи детали за вашиот приватен живот и врски. Meta ќе им овозможи на корисниците да ги прегледаат „сеќавањата“ на вештачката интелигенција и да отстранат поединечни податоци. Забележливо е и тоа што Meta AI сега може да ја користи вашата мината активност на Facebook и Instagram за подобро да ги прилагоди своите интеракции со вас.
На пример, компанијата вели дека Meta AI може да предложи активности за викенд врз основа на локацијата што сте ја внеле во вашиот профил на Facebook и видеата на Reels што сте ги гледале. Со оглед на тоа што Meta веќе знае многу за своите корисници, ваквите препораки би можеле да бидат исклучително прецизни, слични на насочените реклами на Metа.
На прашањето какви видови активности на Facebook и Instagram може да се користат за овие предлози, портпаролот на Meta се повика на страницата за помош. Во неa се наведува дека „другите информации од вашиот профил, како што се возраста и полот, и интересите засновани на вашите активности на нашите платформи – вклучувајќи го типот на содржината и рекламите со кои комуницирате – може да се користат за персонализирање на вашите интеракции со вештачката интелигенција“.
Најновите подобрувања за Meta AI доаѓаат во време кога расте интересот за кинескиот чет-бот со вештачка интелигенција DeepSeek, кој моментално е најсимнуваната апликација во Apple App Store. Ненадејната популарност на овој чет-бот со вештачка интелигенција, кој наводно бил развиен за помалку од шест милиони долари, ги потресе инвеститорите и предизвика реакции во индустријата за вештачка интелигенција. Сепак, главниот научник за вештачка интелигенција на Meta, Јан ЛеКун, во понеделникот рече дека „реакциите на пазарот на DeepSeek се крајно неоправдани“.