„Фајненшел тајмс“: Тони Блер пред повлекување од функцијата во Квартетот за Блискиот Исток

од Vladimir Zorba
120 прегледи

 Поранешниот британски премиер Тони Блер се подготвува да ја напушти функцијата специјален претставник за мир на Блискиот Исток, пишува весникот „Фајненшел тајмс“.

блер

По речиси осум години како пратеник на Квартетот за Блискиот Исток, составен од САД, Русија, ЕУ и ОН, Блер смета дека позицијата веќе е неодржлива. Причина за длабокото незадоволство во некои средини во Вашингтон и Брисел се неговите лоши односи со високи фигури од палестинската автономна област и неговите широки бизнис интереси.

Според британскиот весник Блер предводи деликатни преговори, со цел да ја преформатира својата улога, но е цврсто решен да остане дел од мировниот процес.

Блер имал средба со американскиот државен секретар Џон Кери за време на викендот во Египет, со цел да разговара за можна промена. Поранешниот британски премиер, исто така, разговарал и со високиот претставник за надворешан политика и безбедност на Европа Федерика Могерини, која се залага за реформа на Квартетот и поенергична позиција на Европа кон Израел.

САД прекинаа со финансирање на канцеларијата на Блер во 2012 година и тој не беше поканет на последната средба на Квартетот на министерско ниво во Минхен во февруари, свикана од Могерини.

Тони Блер се наоѓа на функцијата од 2007 година. Квартетот е основан во 2002 година, а канцеларијата на специјалниот претставник се наоѓа во Источен Ерусалим и одговара за план во вредност од 4 милијарди долари за стимулирање на раст и инвестиции на палестинските територии.

Блер се соочи со критики од јавноста откако се отворија прашања за неговата двојна улога на „супердипломат“ и бизнисмен. Меѓу неговите клиенти се земји од Перу, Колумбија, Кувајт, Виетнам и Казахстан, како и компаниите „Петро Сауди“, „Џи Пи Морган“ и „Мубдадала“/МИА