„Фајзер“ и „Модерна“ ефикасни против индиската варијанта на коронавирусот

од Vladimir Zorba
417 прегледи

Вакцините за коронавирус врз основа на mRNA, како што се „Фајзер“ и „Модерна“, се чини дека се ефикасни против индиската варијанта на коронавирус, објави Европската агенција за лекови (ЕМА).

Податоците обезбедени од европскиот регулатор за ефикасноста на mRNA вакцинатапротив варијантата Б.1.617 КОВИД-19 се „охрабрувачки“, рече Марко Кавалери, претседател на работната група на ЕМА, одговорен за стратегијата за вакцинација.

На прес-конференцијата во средата, Кавалери, исто така, рече дека е оптимист во врска со ефективноста на вакцините базирани на аденовирус, како што се оние што ги развија „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“, кои исто така заштитуваат од индиската варијанта, пренесе AФП.

Дополнителни податоци од Индија каде се администрира вакцината „АстраЗенека“ се чекаат, рече тој.

– До денес, сè на сè, убедени сме дека вакцините ќе бидат ефикасни против таа варијанта – рече тој.

Варијантата Б.1.617, која првпат се појави во Индија во октомври, беше откриена во 44 земји, според Светската здравствена организација (СЗО), која оваа варијанта ја класифицираше како „загрижувачка“.

Така, индиската варијанта им се придружи на трите „неславни“ што се појавија во Велика Британија, Бразил и Јужна Африка и кои се сметаат за поопасни од оригиналната верзија на коронавирусот затоа што се позаразни, посмртоносни или поотпорни на одредени вакцини.

Слични содржини