Американскиот производител на лекови „Фајзер“ се пожали на повреда на доверливоста на податоците, откако белгиски политичар ги објави цените и бројот на дози на вакцини Ковид-19 нарачани од владата, објави белгискиот печат.
Белгискиот државен секретар Ева Де Бликер на Твитер објави табела со бројот на дози и цената на една доза на вакцина, по 30-часовна расправа за буџетот во парламентот. После тоа го избриша својот твит.
„Фајзер“ и нејзиниот германски партнер „Бајонтек“, чија вакцина против Ковид 19 беше за првпат одобрена од западните регулатори, се меѓу групата добавувачи на вакцини на Европската унија, вклучително и Белгија.
Портпаролката на американскиот производител на лекови „Бенелукс“, Елизабет Шрапен, за белгискиот дневен весник „Ле Соар“ изјави дека објавувањето на деталите претставува кршење на трговските тајни.
„Тие цени во договорот со Европската комисија се опфатени со клаузула за доверливост“, рече Шрапен.
Табелата накратко објавена од Де Бликер покажува дека белгиската влада платила 12 евра по доза и купила околу пет милиони дози вакцини од „Фајзер“.
Информирани извори за Ројтерс изјавија дека ЕУ се согласила да плати 15,50 евра по доза вакцина.
Во белгиската цена не се вклучени стотиците милиони евра неповратни депозити што ЕУ ги плаќа на производителите за да обезбедат вакцини, изјави претставник на ЕУ за Ројтерс.
Владите на ЕУ го плаќаат остатокот од износот кога ќе ги нарачаат своите дози.
„Не можеме да кажеме ништо за овој случај, сè што е поврзано со вакцините и цените е покриено со клаузули за доверливост, во интерес на општеството и во интерес на тековните преговори“, изјави во петокот портпаролот на Европската комисија пред новинарите.
Главната асоцијација на белгиски производители на лекови соопшти дека смета дека истекувањето е „сериозно кршење на клаузулата за доверливост“ што и штети на владата.
Европската агенција за лекови објави дека комитет на експерти ќе се состане на 21 декември за да ја анализира вакцината Pfizer / BioNTech, а вакцинацијата може да започне во ЕУ на 27 декември.