Прелиминарните лабораториски студии покажаа дека две дози од вакцината против коронавирусот на „Фајзер/БајонТек“ можеби нема да обезбедат доволна заштита од новиот вид на „омикрон“, но три дози може да го неутрализираат, соопштија двете компании во средата.
Примероците кај луѓе кои примиле две дози вакцина против Ковид-19 во просек имале повеќе од 25 пати намалена способност за неутрализирање на „омикрон“ во споредба со претходната форма на вирусот, „што сугерира дека две дози БНТ162б2 може да не е доволно за заштита од инфекција со сојот „омикрон“, велат производителите на вакцини, пренесува Си-Ен-Ен.
Сепак, тие истакнаа дека две дози сепак можат да обезбедат заштита од сериозно заболување.
„Иако две дози од вакцината сè уште можат да обезбедат заштита од потешка болест предизвикана од сојот „омикрон“, од прелиминарните податоци е јасно дека заштитата се подобрува со третата доза од нашата вакцина“, рече претседателот и извршен директор на „Фајзер“, Алберт Бурла.
„Осигурувањето дека што е можно повеќе луѓе се целосно вакцинирани со првите две дози и „бустер“ доза останува најдобриот начин на дејствување за да се спречи ширењето на КОВИД-19“, додаде тој.
Серум од крвта на луѓето кои примиле две или три дози од вакцината „Фајзер“ е користен во студијата. Серумите беа собрани од испитаниците три недели по втората доза или еден месец по третата доза. Податоците објавени во средата не беа прегледани или објавени.
„Веруваме дека со две дози сè уште имате релевантна заштита за потешките облици на болеста, но очигледно е дека падот на антителата е значителен“, изјави во средата д-р. Микаел Долстен, главен научен директор во „Фајзер“.
„Меѓутоа, добрата вест е дека нашите податоци убедливо покажуваат дека кога добивате „бустер“ – третата доза – нивото на антителата се зголемува за 25 пати и изгледа како првобитното зголемување од две дози кое добро заштитуваше од претходните соеви како „делта“, додава Долстен и советува да се земе третата доза од вакцината.
„Одете и добијте трета доза и ќе добиете силен, прилично импресивен одговор на антителата, како и зајакнување на вториот дел од имунолошкиот систем, Т-клетките“, истакнува Долстен.
Истражувачите од Јужна Африка во вторникот објавија студија која покажа дека варијантата на коронавирус „омикрон“ делумно ја избегнува заштитата што ја нуди вакцината „Фајзер“. Студијата покажа дека луѓето кои претходно биле заразени, а потоа вакцинирани, веројатно ќе бидат добро заштитени, а Алекс Сигал од Африканскиот здравствен истражувачки институт во Дурбан, кој го предводеше истражувачкиот тим, изјави за Си-Ен-Ен дека „бустерот“, исто така, веројатно ќе ги заштитат луѓето.