„Иницијативата за заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ е штетна оти ги подрива нашите позиции како држава и го отвара прашањето за македонскиот јазик и идентитет, што веќе комплетно е затворено во време на владата на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ)“ – ова вечерва го изјави заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска во интервју за „Канал 5“, коментирајќи го предлогот на премиерот Христијан Мицкоски – со заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент, Македонија да ја потврди посебноста на македонскиот идентитет и јазик.
„Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се гарантирани со обврзувачки документи на Европската Унија, со преговарачката рамка, што ја имаме на масата и со договорот со Фронтекс. Македонскиот јазик е заштите во рамките на ЕУ, на македонски јазик се преведуваат договорите што се потпишуваат со нашата држава. Апсолутно не гледаме причина во оваа ситуација со една ваква иницијатива одново да отвараме прашања што се затворени, само и единствено да служат на дополнителни поделби и поларизација во општеството, нешто што ни е најмалку потребно“, рече таа.
Според неа, треба да престанеме да се занимаваме со тоа кој е патриот, а кој е предавник. Каранфилова-Пановска посочи дека европска интеграција значи реформа на системот, реформа на општеството, за да можат граѓаните да живеат во една подобра и поубава држава.
„Сето она што ВМРО-ДПМНЕ го ветуваше и сето она што го демонстрира во овие 13 месеци власт е се, само не подобрување на позициите во процесот на европската интеграција. По фијаското што го доживеаја со извештајот во Европскиот парламент и со необезбедување сојузништво ниту од своите сестрински партии, сметаме дека резолуцијата не е во интерес за градење на подобра позиција, туку ќе се користи како алиби дополнително да се замрзанат односите со Бугарија и дополнително да се блокира процесот на европска интеграција“, рече таа.
Според неа, СДСМ е за продолжување на нашиот евроинтегративен пат по принципот на градење на добри добрососедски односи, на градење на пријателства, на градење на мудра политика што нам ќе ни го откочи тој пат и ќе ни го одблокира на ефикасен начин – затоа, како што додаде Каранфилова-Пановска, не ни е потребно дополнително подривање на нашите позиции и креирање на дополнителни пречки.