Германскиот фармацевтски и хемиски гигант Баер забележа нето загуба од 199 милиони евра во вториот квартал од оваа година, што е речиси шест пати повеќе отколку во истиот период минатата година.
Овој резултат е значително под очекувањата на аналитичарите, кои предвидоа нето добивка од 67 милиони евра, објавува Мина.
Вкупните квартални приходи на компанијата се намалија за 3,6 проценти на годишно ниво на 10,74 милијарди евра, што е малку помалку од пазарните очекувања.
И покрај падот на приходите, прилагодената EBITDA на Баер изнесуваше 2,1 милијарда евра, надминувајќи ја консензуалната прогноза на аналитичарите од 1,87 милијарди евра.
Компанијата од Леверкузен ја подобри својата годишна прогноза и покрај послабите резултати: очекуваната прилагодена EBITDA за целата година сега е помеѓу 9,7 и 10,2 милијарди евра, претходно од 9,5 до 10 милијарди, според извештај објавен на веб-страницата на компанијата.
Баер, исто така, објави дека до крајот на вториот квартал укинала околу 12.000 работни места како дел од програмата за реструктуирање.
Инвеститорите, и покрај моменталните проблеми на Баер, веруваат во неговата долгорочна стратегија, бидејќи пазарната вредност на оваа компанија се зголемила за 37,8 проценти од почетокот на годината.