Д-р Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергија и заразни болести на САД, за канадскиот CBS News изјави дека КОВИД-19 првенствено се шири на ниво на домаќинства, меѓу помалите групи на луѓе.
Тој исто така рече дека тестирањето за асимптоматско ширење на болеста и продолжувањето со практикувањето на основните превентивни мерки како миење раце, физичко растојание и носење маски се клучни за да се спречи ширењето на вирусот ширум светот.
Еден од најдобрите светски експерти за заразни болести смета дека и покрај првичните успеси во контролата на пандемијата, Канада исто така се соочува со влошување на состојбата.
„Во моментов, целата планета е во неволја“, рече Фаучи.
„Европската унија, ако го погледнете бројот на нови инфекции, е надвор од контрола. Соединетите држави целосно. Канада, која, наводно, се справуваше толку добро, исто така се наоѓа во неволја”, рече Фаучи.
Тој исто така вели дека вирусот се шири првенствено на „ниво на домаќинство“ кај помалите групи на луѓе кои можеби дури и не знаат дека се заразени и предупредува дека на ова треба да се обрне внимание, особено кога се ближат празниците и постудените месеци.
„Ако тестирате само луѓе кои покажуваат симптоми, ширењето на инфекцијата во заедницата ќе се пропушти“, предупреди тој.
Фаучи вели дека е изненаден од резултатите од раните испитувања на вакцините „Фајзер“ и „Модерна“, кои покажале ефикасност од над 90 проценти, но тврди дека сè уште не е време за славење.
„Иако сè уште не е познато дали вакцините ќе обезбедат долгорочен имунитет на КОВИД-19, неверојатно импресивен е фактот дека вакцината „Модерна“ спречи тешка болест кај учесниците во фаза 3“, рече Фаучи.
Тој се надева дека луѓето ќе бидат вакцинирани против КОВИД-19 до средината на 2021 година, но тој нагласи дека државите не можат да ги напуштат мерките за јавно здравје дотогаш.
„Тоа би било катастрофа“, рече тој, додавајќи дека верува дека вакцината е „помош на патот и светло на крајот од тунелот“, но дека ни претстои уште долг пат.