Агентите на американското Федерално биро за истраги (ФБИ) заплениле телефони и таблет на градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, како дел од истрагата за собирање средства за време на неговата политичка кампања во 2021 година, изјавил адвокатот на Адамс, Бојд Џонсон.
Џонсон во петокот објавил дека заплените биле направени додека Адамс заминувал од јавен настан на Менхетен во понеделникот вечерта, објави АП.
Адвокатот соопштил дека откриле како поединец од кампањата на Адамс неодамна постапил неправилно и дека тоа било пријавено во ФБИ.
Портпаролот на кампањата одби да го идентификува лицето кое постапило неправилно за АП.
Адвокатот истакнал дека градоначалникот не е обвинет за прекршоци и дека продолжува да соработува во истрагата.
Запленувањето на уредот, првпат објавено од „Њујорк тајмс“, дојде четири дена откако федералните агенти го пребараа домот во Бруклин на шефицата на предизборниот тим на Адамс, Бријана Сагс.
Таа потрага го натера градоначалникот да го откаже планираното патување во Вашингтон, каде што требаше да се сретне со претставници на Белата куќа, и наместо тоа да се врати во Њујорк. Адамс во петокот рече дека „нема што да крие“.
„Како поранешен службеник за спроведување на законот, очекувам сите членови на мојот персонал да го почитуваат законот и целосно да соработуваат во секаков вид истрага и јас ќе продолжам да го правам токму тоа“, изјавил Адамс.
Зборувајќи со новинарите во средата, тој не рекол ништо за одземање на неговите телефони и инсистирал на тоа дека не знаел за какво било прекршување од страна на членовите на неговиот предизборен тим.
Адамс посочил дека би бил „шокиран“ доколку некој во неговата кампања постапил несоодветно.
Обвинителите во Менхетен поднесоа обвиненија во текот на летото против шест лица кои, наводно, се обиделе да манипулираат со програма за собирање средства за да внесат десетици илјади долари во кампањата за градоначалник на Адамс во 2021 година. Адамс не е обвинет во случајот.