ФБИ повторно го претресува домот на американскиот претседател Џозеф Бајден во Делавер како дел од истрагата за доверливи документи, објави неговиот адвокат, пренесува „Метро“.
„Денес, со целосна поддршка и соработка на претседателот, Министерството за правда врши планиран претрес на неговиот дом во Рехобот, Делавер“, рече адвокатот на Бајден, Боб Бауер.
„Согласно стандардните процедури на Министерството за правда, во интерес на оперативната безбедност и интегритет, се направи напор оваа работа да се спроведе без претходно известување за јавноста и се договоривме да соработуваме“.
Бауер додаде дека претресот во средата наутро е „уште еден чекор во темелниот и навремен процес на Министерството за правда што ќе продолжиме целосно да го поддржуваме и олеснуваме“ и вети повеќе информации на крајот од потрагата.
„CBS“ објави дека истрагата е поврзана со поширока истрага за ракување со доверливи документи.
Да потсетиме, минатата есен во приватната канцеларија на Бајден беа откриени доверливи документи, а јавноста за тоа дозна минатиот месец. Документите датираат од времето кога Бајден беше потпретседател за време на двата претседателски мандати на Барак Обама. Главниот државен обвинител Мерик Гарланд побара од државниот обвинител во Чикаго да го истражи случајот.