ФБИ се вклучува во истрагата за експлозијата во Бејрут

од Vladimir Zorba
131 прегледи

Американскиот државен потсекретар за политички прашања Дејвид Хејл објави денеска дека тим од истражители на ФБИ ќе пристигнат во Либан овој викенд за да учествуваат во истрагата за катастрофалната експлозија во пристаништето во Бејрут.

Тој го рече тоа по посетата на местото на експлозијата и повика на внимателна и транспарентна истрага.

ФБИ ќе учествува во истрагата на повик на либанските власти, со цел да утврди што ја предизвикало експлозијата на 4 август, во која загинаа скоро 180 луѓе, а илјадници беа повредени.

Сè уште не е познато која е причината за пожарот што активира скоро 3.000 тони амониум нитрат во главното пристаниште во Либан.

По експлозијата, се појавија документи што покажуваат дека највисоките либански лидери и безбедносни службеници знаеле дека опасните хемикалии се складираат во пристаништето.

Француските истражители исто така учествуваат во истрагата предводена од Либан.

„Навистина треба да обезбедиме темелна, транспарентна и кредибилна истрага. Знам дека тоа го бараат сите“, рече Хејл.

Спасувачките екипи пристигнаа од целиот свет по експлозијата, а Хејл денес го посети местото каде што се случи заедно со либанските воени претставници.

Многу Либанци стравуваат дека политичките фракции, познати по корупцијата, нема да дозволат да бидат откриени детали што им штетат на нив.

Либанскиот претседател Мишел Аун и другите либански претставници ги отфрлија повиците за независна истрага, велејќи дека тоа е губење време.

Доцна во петокот, лидерот на моќниот проирански Хезболах, Хасан Насралах, изјави дека не верува во никаква меѓународна истрага, што се смета за алузија за помош на ФБИ.

Тој рече дека причината за експлозијата е сè уште нејасна, додавајќи дека секоја меѓународна истрага ќе се обиде да го ослободи Израел од одговорноста за експлозијата во пристаништето, доколку таа постои.

Насралах се закани дека Израел ќе се соочи со еднакво разурнувачки одговор ако истрагата покаже дека земјата е вклучена.

Израел негираше каква било врска со катастрофата и досега нема докази дека земјата е вмешана.

Меѓутоа Аун, поддржан од Хезболах, рече дека тоа е една од теориите што се истражуваат.

Хејл изјави дека е потребна целосна државна контрола врз пристаништата и границите, што е очигледна алузија на тврдењата дека Хезболах има влијание и во Либан.

Соединетите Американски држави сметаат дека Хезболах е терористичка организација и локалните медиуми шпекулираат дека Хејл ќе изврши притисок врз новата влада на Либан да нема свои претставници.

Владата на таа земја поднесе оставка на 10 август заради експлозијата и демонстрациите против политичката елита, за која се обвинува за небрежност и неспособност, а во тек се консултации за новиот премиер.

Слични содржини