Федерација на фармери бара интервентен откуп на пченица

од Vladimir Zorba
352 прегледи

Увозот на пченица и брашно од Србија и дополнителоните количини договорени од Бугарија, според македонските фармери ќе дадат одредена сигурност на пазарот но сугерираат Владата да преземе дополнителни мерки за стабилизација и интервенција во делот на цената на брашното и лебот.

Во интервју за „Локално“, извршниот директор на Националната федерација на фармери, Стеван Орозовиќ вели: „Еден од нашите предлози на долг рок е да влезе интервентниот откуп на пченицата во услови кога производната цена на пченицата е повисока од продажната и  на ваков начин ќе се влијае да не се намалуваат површините засеани со пченица, ќе се има моќност да се влијае на пазарот од поскапување на лебот, брашното и слични и ќе се помогне и на мелничарите.

Во однос на субвенциите за земјоделците, велат дека секаква помош е добредојдена но тоа не значи дека е и доволна.Интервентниот фонд според Орозовиќ, ни оддалеку нема да ги покрие нивните производни трошоци доколку не се зголеми откупната цена на пченица и ако откупувачите не ја платат реалната цена. „Тоа е вистинскиот чекор кој треба да се преземе, дефинирана откупна цена на пченицата согласно закон и откуп согласно договорената цена, изјави Орозовиќ.

Според очекувањата на фармерите, по низата поскапувања следно на ред ќе биде месото. Причините за нагорниот тренд ги лоцираат во зголемените трошоци за производство, од енергенсите до работната рака, а доказ за тоа велат е повисоката откупна цена на јагнешкото месо.

„Интересот за извоз на јагнешко месо е нестабилен и во овој момент е монополизиран од неколку извозници кои тоа го диктираат. Јагниња има и голем дел ќе завршат на регионалните пазари во Хрватска, Грција и Италија. Овогодинешната откупна цена на јагне бележи благ пораст од лани, т.е. од 160 мкд за жива мера, оваа година се качи до 180 мкд за жива мера“, објаснува Орозовиќ.

Србија ја дигна рампата за извоз на пченицата. Како тоа ќе се одрази на пазарот? Дали ќе се стабилизираат цените?

-Србија е најголем производител во регионот за пченица, а со тоа и најзначаен фактор во диктирањето на цената на пченицата на регионално ниво. Истовремено Србија е голем извозник на пченица бидејќи повеќе од половина од нивното производство на пченица е вишок и е наменето за извоз. Нашата држава веќе направи договор за увоз на пченица, а со тоа и овозможи одредена сигурност за доволна количина на пченица и брашно. На нашиот пазар цената на пченицата е дефинирана согласно законската одредба за одредување на откупна цена на пченица како стратешки производ. Оттука влијанието на Србија во овој дел е минимално.

Во меѓувреме Владата договори увоз на пченица и од Бугарија но не ги отрки количините.Што мислите дали овој чекор е во насока на полнење на државните резерви?

-Земајќи во предвид дека пченицата е во моментот многу баран производ и количините од истата на глобалниот пазар ќе се намалат, нормално е да се бараат алтернативи од повеќе места за дополнителни количини на пченица. Државните стокови резерви за пченица се дефинирани со закон и затоа постои Агенцијата за стокови резерви, така што нормално е и задолжително да имаме резерви од пченица во секој момент, посебно во кризи и услови на војна.

Сведоци сме на континуиран раст на цените и на брашното и на лебот иако се говореше дека тие ќе се стабилизираат.Треба ли да се интервенира со стоковите резерви? Ако да, зошто?

-Растот на цените на брашното и лебот не е условен само од цената на пченицата, туку постојат голем број на инпути кои тоа го диктираат, во најголем дел зголемувањето на цената на енергенсите. Исто така и нестабилноста на берзите кои како резултат на политичка криза и ембарго кон Русија ја здрмаа цената на пченицата на светските берзи. Сепак, земајќи во предвид дека ова е основен продукт очекуваме дека Владата ќе презема мерка за стабилизација и интервенција во делот на цената на брашното и лебот. Доколку има потреба од интервенција со стокови резерви, во рамките на пот-секторската група за пченица и житни култури тоа може да се дискутира со мелничарите, каде и ние како НФФ членуваме во име на производителите на житни култури. Еден од нашите предлози на долг рок е да влезе интервентниот откуп на пченицата во услови кога производната цена на пченицата е повисока од продажната и  на ваков начин ќе се влијае да не се намалуваат површините засеани со пченица, ќе се има моќност да се влијае на пазарот од поскапување на лебот, брашното и слични и ќе се помогне и на мелничарите.

Субвенциите за ѓубривото отворија куп дилеми кај земјоделците. Дали оваа мерка е доволна односно дали ќе ги покрие нивните производните трошоци?

-Секоја дополнителна субвенција за земјоделците во услови на криза и зголемени трошоци на производство е добредојдена, секако и субвенцијата за ѓубриво. Во овој случај не е прашање дали е потребна, туку дали е доволна, а не е. Државата излезе со интервентен фонд и зголемена финансиска поддршка,  но таа ни оддалеку нема да ги покрие производните трошоци ако откупните цени на пченица не се зголемат, и ако откупувачите не ја платат по реална цена. Тоа е вистинскиот чекор кој треба да се преземе, дефинирана откупна цела согласно закон и откуп согласно договорената цена.

Колкава ќе биде цената на јагнешкото месо за претстојните празници? Дали ова месо ќе биде луксуз за домашната трпеза?

-Јагнешкото месо со години има ниска откупна цена која не ги покрива трошоците на производство. Бројот на стадата се намалува, како и интересот за занимавање со овчарство. Во текот на 2020 година како ефект од корона кризата, традиционалниот извоз на јагнешко месо изостана, а со тоа и овчарите беа принудени да продаваат по пониски откупни цени или да ги задржат јагнињата, со надеж дека државата ќе изнајде пазари за т.н. тешко јагне, кои покрај ветувањата не се остварија.

Дали заради војната во Украина, инфлацијата, зголемените трошоци на производство, генерално ќе расте цената на месото?

-Цената на месото генерално треба да биде во пораст затоа што, да, зголемени се сите трошоци во производството, од енергенсите, инпутите во земјоделството до цената на работната рака. Ефектите од инфлација сеуште не се чувствуваат, но реално за очекување е овие флуктуации да предизвикаат нестабилност на цените. Во овој момент споредбено со лани се уште нема значителна разлика во цената на месо во малопродажба за купувачите.

Каков е интересот за извоз на јагнешкото месо? На чиви трпези ќе заврши македонското јагне? Дали има доволна понуда на јагниња и која е годинешната цена за килограм жива мера?

-Проблемот е што интересот за извоз на јагнешко месо е нестабилен и што во овој момент е монополизиран од неколку извозници кои тоа го диктираат. Понуда на јагниња има, се очекува во голем дел да завршат на регионалните пазари во Хрватска, Грција и Италија. Овогодинешната откупна цена на јагне бележи благ пораст од лани, т.е. од 160 мкд за жива мера, оваа година се качи до 180 мкд за жива мера.

К.В.С.

Слични содржини