Фејсбук злоупотребил податоци на милиони корисници. Закерберг се нагодил и не мора да сведочи

Точниот износ на спогодбата не е познат. „Мета“ одби да коментира околу фактите за спогодбата.

од desk2
23 прегледи

Марк Закерберг, сопственикот на „Мета“ – корпорацијата што управува со Фејсбук, Инстаграм, ВотсАп и други компании – како и врвот на корпорацијата, постигнаа спогодба со акционерите што ги тужеа за вршење повеќекратни кршења на приватноста на корисниците на социјалната мрежа Фејсбук, а тука е вклучен и скандалот со „Кембриџ Аналитика“, јавија светските медиуми.

Тужителите од 11-те членови на управата бараа да надоместат повеќе од 8 милијарди долари казни и судски трошоци.

Договорот е постигнат вчера, веднаш после првиот ден на судењето во американската сојузна држава Делавер. Точниот износ на спогодбата не е познат. „Мета“ одби да коментира околу фактите за спогодбата.

Со неа Закерберг и останатите обвинети избегнаа сведочење под заклетва, со што, како што алармираат правните стручњаци, е оневозможено јавноста да дознае како се донесувани одлуки што довеле до кршење на приватноста на милиони корисници.

Тужбата од акционерите следува по откритијата од 2018 година, дека „Кембриџ Аналитика“, сега згасната консултантстка компанија, допрела до податоците на милиони корисници на Фејсбук без нивна дозвола. Податоците биле користени за потребите на претседателската кампањата на Доналд Трамп во 2016 година.

Акционерите тврдеа дека пасивноста на Закерберг го овозможила тоа истекување податоци, а тужбата ја проширија и на други видни фигури на „Мета“, меѓу кои Џефри Зиентс, поранешен член на управата на Мета и шеф на Кабинетот на поранешниот претседател на САД, Џо Бајден; Питер Тил, коосновач на „Палантир“; Рид Хејстингс, основач на „Нетфликс“; како и против Шерил Сандберг, поранешна оперативна директорка на „Мета“.

Со спогодбата со која Закерберг и другите избегнаа сведочење под заклетва, се избегнува и разоткривање детали за интерното донесување одлуки во Мета и потенцијални незаконски практики.

„Едно од клучните прашања на судењето ќе беше откривањето како Фејсбук ги одобрувал и извршувал спорните одлуки. Сега, поради таа спогодба, таквите сознанија ќе останат вон досегот на јавноста“, вели Ен Липтон, професорка по право на Универзитетот Колорадо.

Овој договор затвора уште едно болно поглавје за Мета и Закерберг, но затоа остава отворени прашања за одговорноста на технолошките гиганти за заштитата на приватноста на корисниците.

„Општествено важно е јавноста да дознае што тргнало наопаку и зошто биле можни ваквите злоупотреби. Оваа спогодба значи дека таа вистина веројатно никогаш нема да излезе на виделина“, предупредува Липтон.

Судијката Каталин Мек Кормик која го водеше овој случај е позната по тоа што лани донесе пресуда со којашто го блокираше 56милијарди долари-вредниот бонус пакет за Илон Маск од „Тесла“. Поради таа одлука, Маск седиштето на „Тесла“ од државата Делавер го префрли во Тексас.

Слични содржини