Во период кога се одржуваат локални избори, во државата се појавуваат неколку феномени, како што е давање гласови за други етнички партии заради наводно вработување во институција, лица кои се на црната листа на САД, а кои имаат шанса да земат уште еден мандат за градоначалничка функција, но зачудува и изборниот резултат во Кочани, после трагедијата во дискотеката „Пулс“. Се поставува прашањето, колкав удел има личниот интерес во земјава и дали постои надеж дека можеби некогаш состојбите ќе се променат?
На прашање дали сме единствената држава во која се даваат гласови за други етнички партии само за вработување во институција, претседателот на СДА Мекедонија, Џелал Хоџиќ за „Локално“ вели дека секоја држава си има свој контекст и приказна, но не секогаш приказната е за клиентелизам и вработување.
Тој е на ставот дека умира приказната дека наводно луѓето преку политичките партии сакаат да се вработуваат во јавниот сектор. Како што потенцира, јавниот сектор за младите луѓе веќе не е интересен за работа.
-Јас мислам дека во овој период умира таа приказна дека луѓето преку политичките партии сакаат да се вработуваат во јавниот сектор. За младите луѓе мислам дека јавниот сектор веќе не е интересен за работа. Не е чудно да луѓе гласаат за различни етнички партии, ако притоа почуствуваат дека таму има прогресивна приказна и добра програма. Во Македонија од поодамна сме ги виделе сите комбинации, не ме зачудува ништо повеќе, додава Хоџиќ.
Она што ни остави впечаток на овие локални избори е фактот дека во градот Кочани победи партијата, чии високопоставени членови се обвинети за смртта на 63 лица во дискотеката „Пулс“.
Хоџиќ напомена дека е разочаран од изборниот резултат во Кочани.
-Никој од Владата во Македонија не понесе морална одговорност за трагедијата што се случи во Кочани. Тоа во старт е несвојствена и недемократска ситуација, рече Хоџиќ.
Како што посочи, за една ваква трагедија во која загинаа 63 луѓе, требаше барем министерот за внатрешни работи да понесе морална оставка.

Фото: Фејсбук профил на Џелал Хоџиќ
-Ќе се завршат сите истраги. Тој слободно потоа може да се врати, но немањето на политичка морална одговорност на централно ниво и во институциите е секако рефлексија и врз граѓаните во целата држава, па така и во Кочани. Секако, за мене е аларм за еден негативен момент кој бара една посериозна анализа, додаде Хоџиќ.
Во меѓувреме, во Карпош уште еден мандат очекува човек кој е на црната листа на САД и го чека ефективна казна затвор.
Хоџиќ повторува дека токму заради тоа е потребно да се усвои Законот за рестриктивни мерки.
Како што вели, Законот за рестриктивни мерки подразбира дека сите политичари кои се наоѓаат на црните листи на САД, на Велика Британија и на ЕУ, не би требало да се занимаваат со политика.
-Сите бизнисмени и олигарси кои исто така се наоѓаат на црните листи на САД, на Велика Британија и на ЕУ, со нивните фирми, не треба да им биде овозможено да учествуваат на тендерите за јавните набавки. Може да се каже дека ако граѓаните на Карпош гласаат за една таква опција, е исто за анализа, затоа што прашање е каква е и понудата за Карпош. Да сочекаме да ги видиме конечните резултати, додаде Хоџиќ.
Тој појаснува дека постојат повеќе феномени на овие локални избори, а една од нив е и слабата излезност, посебно кај етничките Македонци.
-Овие избори се навистина чудни и се случуваат во чуден општествен контекст, во контекст каде што и се одзема на Македонија патот кон ЕУ и европската иднина. Очигледно дека таа коалиција функционира и очигледно дека за сега дава резултати, додаде Хоџиќ.
Појасни дека не би било чудно гласачи на ВЛЕН во Кичево да гласаат за својот коалициски партнер од ВМРО-ДПМНЕ.
Вели дека е запрепастувачко што во оваа година дена, реториката на ВЛЕН е комплетно излезена од приказната за европската иднина на државата.
Б.Т.