Турскиот пазар на лешници е во проблеми откако италијанската компанија „Фереро“, производителот на чоколадниот намаз „Нутела“, привремено ги запре купувањата на лешници од земјата. Купувањата беа запрени бидејќи залихите на лешници беа ниски, а цената на лешниците нагло се зголеми.
„Фајненшл тајмс“ го припишува зголемувањето на цената на мразот и штетниците што го нападнаа овој вид на плод претходно оваа година. Турција обично произведува помеѓу 600.000 и 700.000 тони лешници годишно, што е две третини од глобалната понуда. Сепак, се очекува производството оваа година да биде помалку од 500.000 тони или дури и помалку.
Гиленс Хакинг, основач на британскиот увозник на лешници CH Hacking & Sons, изјави дека цената на излупените турски лешници се зголемила од 9.000 на 18.000 долари по тон од јули.
Малите производители во Турција наводно ги држат своите залихи, отфрлајќи ги ниските цени за купување на Фереро. Од друга страна, италијанската компанија ги пролонгира набавките, чекајќи стабилизирање на цените на лешниците. Марко Бота, раководител на одделот за набавка на лешници на Фереро, ја спореди ситуацијата со романот „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет, велејќи дека компанијата станала Годо за „кралевите на лешниците“ во Турција.
Тој истакна дека компанијата моментално го купува плодот од Чиле и САД, каде што го проширила својот производствен капацитет во последните две години. Сепак, уверува дека се посветени на долгорочни инвестиции во Турција, дури и без формални договори со Турската комисија за жито (TMO).
Аналитичарите веруваат дека оваа ситуација би можела да резултира со зголемување на цената на „Нутела“ низ целиот свет. Сепак, „Фереро“ не сакаше да коментира за можноста за зголемување на цената на популарниот чоколаден намаз.