Фантастичниот тркачки Ferrari 410 Sport Spider by Scaglietti беше продаден на аукција организирана од RM Sotheby’s за 22.005.000 долари.
Легендарниот Енцо Ферари го дизајнираше 410 Sport Spider додека бараше начин да ја обезбеди титулата на Светскиот шампионат во спортски автомобили во 1955 година. За да ја добие титулата, тој мораше да изгради болид кој може да биде добар на патеките, но и успешно да го заврши петдневното Carrera Panamericana рели низ Мексико.
За потребите на шампионатот, дизајнирана е нова шасија 519/C заедно со тубуларна рамка и инсталиран е 5.0-литарски V12 мотор кој развива 400 КС. Беа произведени само два примерока на автомобилот, но релито Carrera Panamericana беше откажано, па автомобилите учествуваа на Светскиот шампионат за спортски автомобили во 1956 година.
Примерот на фотографиите е означен со 0598 CM и првично го возеле Хуан Мануел Фанџо и Еугенио Кастелоти. По успешното деби на трката на 1.000 километри во Буенос Аирес во јануари 1956 година, автомобилот бил испратен во фабриката на Ferrari, а подоцна и купен од Џон Едгар. После тоа, го возеше Керол Шелби за Team Edgar и оствари серија на победи.
Автомобилот беше толку добар што го импресионираше Шелби.
„Ништо не може да му се приближи на ова Ferrari ако работи“, изјави Шелби за Лос Анџелес Тајмс.
Ferrari-то подоцна го возеле Ричи Гинтер и други, а автомобилот бил повлечен од трките во 1960 година и продаден. Новиот сопственик го врати во светот на трките во 1963 година и учествуваше на трката Daytona Continental 3 Hours. Правилата бараа фиксен покрив, така што беше направен за ова Ferrari, но тоа ја збрка аеродинамиката, па на крајот сопственикот сепак користеше 250 GTO.
Ferrari 410 Sport Spider повторно беше „пензиониран“ и се чуваше во колекцијата две децении. Во 1980 година Хауард Коен го купил и го реставрирал, а од тогаш автомобилот сменил неколку сопственици. Оригиналниот резервоар за гориво ги содржи зборовите на Шелби: „Господинот Ferrari ми кажа дека ова е најдоброто Ferrari што некогаш го изградил“.