Кога Ferrari го претстави моделот Amalfi, наследникот на Roma, многумина беа воодушевени од чистокрвниот V8 мотор без електрична помош, но и од она што го видоа во кабината.
Со оглед на тоа што ергономијата е составен дел од искуството при возење, подеднакво важна промена во однос на онаа под хаубата се случи во кабината. Како што можеше да се види на премиерата, новиот волан сега има физички копчиња и вистинско копче за стартување на моторот.
А причината за оваа одлука е сосема јасна – купувачите го сакаа тоа. Тие се пожалија дека капацитивните (чувствителни на допир) копчиња се непрактични и фрустрирачки за употреба при возење. Ferrari одлучи да ги послуша корисниците и ги врати физичките контроли на воланот.
Моделот Amalfi е првиот со овие промени, но сите идни Ferrari ќе имаат физички копчиња, потврди Енрико Галиера, комерцијален директор на Ferrari, за Autocar. Уште подобра вест е што постојните модели можат да се модифицираат и подоцна. Притоа, целиот волан нема да треба да се менува, туку само неговиот централен дел. Ова ќе биде можно кај овластените дилери, без да мора да го враќаат автомобилот во Италија, потврди раководителот на развој Џанмарија Фулгенци за Top Gear.
Потсетуваме, Ferrari започна со допирни контроли на моделот SF90, сакајќи да ја вклучи најновата технологија. Но, наскоро сфатија дека не е „100% функционална при возење“.
Галиера призна: „Копчињата на допир се иновативни, но не зедовме доволно предвид дека луѓето ги користат додека возат. Нашата цел беше – рацете на воланот, очите на патот – и тоа не го постигнавме. Целта беше системот да се направи брз и интуитивен како паметен телефон, но во реалноста не функционираше како што беше предвидено“.
И покрај критиките за копчињата на допир, Ferrari забележа рекордна продажба во 2024 година. Беа испорачани 13.752 автомобили, што е зголемување од 0,7% во споредба со претходната година.
Побарувачката е толку голема што новите нарачки нема да можат да се испорачаат до 2027 година.