Фестивал на јапонската култура „Сакура“ под слоганот „Расцути ја иднината“

од Milan1
1,2K прегледи

ретото издание на фестивалот на јапонска култура „Сакура“, чиј годинешен слоган е „Расцути ја иднината“, ќе се случи на 1 јуни во Младинскиот културен центар (МКЦ), во организација на Јапан@мк. Годинава Фестивалот ќе ја обработува темата за почитта на јапонската култура и традиција кон природата вткаена во секој дел од нивното живеење: обичаите и навиките од секојдневниот живот, развојот на технологијата и архитектурата и како ние може да учиме од нив.

Програмата вклучува изложби од реномирани и млади уметници, перформанси, мода, презентации, работилници, боречки вештини, гејминг натпревари, аниме-квиз и тетовирање во живо… Во рамките на фестивалот присутните ќе имаат можност да пробаат јапонска храна и да набават сувенири.

Како што најавуваат организаторите, на самото отворање на фестивалот, обраќање ќе имаат директорката на Директоратот за билатерални односи со воневропски држави при МНР, како и амбасадорот на Јапонија, Оцука Казуја, кој подоцна ќе одржи мал концерт на класична гитара.

На агендата се и три концерти од млади музичари, еден пијано концерт, лајв сет со амбиентална музика, балет инспириран од јапонски буто танц, три панел-дискусии за јапонска култура и природа, архитектура и филм.

Со „Сакура“ се одбележува и јубилејот, 30-годишнината од воспоставувањето на јапонско-македонските дипломатски односи.

Фестивалот за прв пат се одржа во 2022 година под името „Нихон-Џи“. Името е променето во „Сакура“ поради желбата симболично да се раскаже приказната за непостојаноста на убавината, која треба да ја доживуваме и негуваме кога се случува околу нас.

Слоганот на ова издание на фестивалот „Расцути ја иднината“, што е поврзано и со самото име на фестивалот Сакура – црешов цвет, повикува кон градење на поодржлива иднина за сите, за која треба да почнеме да работиме уште веднаш.

„Овој фестивал е создаден со вклучување на заедницата и голем број млади луѓе, заедничко помагање и соработка на поединци, кои ја сакаат јапонската култура и имаат заедничка цел да ја унапредат нашата“, велат организаторите.

Слични содржини