Фицо бесен, тврди дека од Брисел му пристигнало заканувачко писмо: Нека заборават на нашата помош

Словачкиот премиер Роберт Фицо на прес-конференција предупреди на можните последици од енергетската криза, по што изрази гнев кон Брисел

од Кристијан Димков
24 прегледи Фото: Принтскрин/Видео/Официјален Фејсбук профил на Роберт Фицо

Словачкиот премиер Роберт Фицо ја обвини Европската комисија дека се обидува да влијае врз политичката состојба во Словачка, откако Брисел ја критикуваше неговата влада поради воведување двојни цени на горивото. Фицо тврди и дека Унијата сака да ја ослаби, па дури и да ја замени власта на Виктор Орбан во Унгарија, пренесува DennikE.sk.

Вака се изрази за можните последици од енергетската криза: „Кој ќе го објасни недостигот од нафта? Кој ќе објасни дека бензинот и дизелот ќе чинат 2,5 евра? Кој ќе објасни ако цените на храната и услугите пораснат? Па, владата на Роберт Фицо“, порача тој.

Словачката влада одлучи да воведе двојни цени на горивото; домашните возачи би плаќале пониска цена, додека странските возачи би точеле гориво по повисока цена. Фицо тврди дека државата има право да се заштити од последиците од војната на Блискиот Исток, особено во ситуација кога нафтата веќе втор месец не пристигнува преку нафтоводот „Дружба“. За прекинот на снабдувањето повторно го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски, истакнувајќи дека таквата состојба директно ѝ штети на словачката економија.

Во меѓувреме, Европската комисија испратила писмо до Братислава кое Фицо го опиша како заканувачко. Во него Брисел го задржува правото да покрене итна постапка поради прекршување на европското право и бара Словачка да се откаже од спорната мерка.

Фицо ја повика Комисијата ист притисок да насочи и кон Киев. Тој бара на Украина да ѝ се наложи да дозволи инспекција на нафтоводот „Дружба“ и да ѝ се закани со скратување на заемот од 90 милијарди евра доколку не овозможи нормален проток на нафта. Дополнително, инсистира во инспекцискиот тим да учествуваат и претставници од Словачка и Унгарија, заедно со експерти од ЕУ или Чешка.

„Нека ЕУ заборави на словачката помош за забрзано пристапување на Украина во Унијата“, порача Фицо, дополнително заострувајќи ја реториката.

Министерката за економија Дениса Сакова објасни дека владата се одлучила за двојни цени затоа што државата позајмила дел од стратешките резерви на нафта на рафинеријата „Словнафт“.

Европската комисија ја критикуваше и одлуката за ограничување на точењето гориво на максимум 400 евра по резервоар. Сакова, сепак, тврди дека мерката дала резултати – веќе по два дена бројот на бензински пумпи без гориво се намалил од 10 на 5 проценти. Таа додаде дека „Словнафт“ веќе започнале да ја враќаат позајмената нафта и дека процесот би можел да заврши до 15 април.