Фицо отворено му се закани на Зеленски: „Ако не ги продолжи испораките на нафта до понеделник…“

Премиерот наведува дека Украина прво го запрела протокот на гас до Словачка, што, тврди тој, предизвикува штета од 500 милиони евра годишно, а потоа и испораките на нафта

од Nikola Popovski
8 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ 24 Канал

Словачкиот премиер Роберт Фицо се заканил дека Братислава ќе ги прекине итните испораки на електрична енергија за Украина доколку Киев не го продолжи транзитот на нафта до Словачка до понеделник, што дополнително ги заостри тензиите меѓу двете земји.

„Доколку украинскиот претседател не ги продолжи испораките на нафта до Словачка во понеделник, истиот ден ќе побарам од надлежните словачки компании да ги прекинат итните испораки на електрична енергија до Украина“, кажал Фицо.

Тој додал дека Словачка ѝ помага на Украина од почетокот на војната – на нејзина територија има околу 180.000 Украинци, истакнува тој, обезбедува хуманитарна помош и организира заеднички состаноци на владите и тврди дека Братислава прави „значително повеќе од некои други земји“.

Фицо го обвинува украинскиот претседател Володимир Зеленски дека не го почитува „мирниот пристап“ на Словачка и дека се однесува „злонамерно“ кон Братислава затоа што не ја поддржува војната. Тој наведува дека Украина прво го запрела протокот на гас до Словачка, што, тврди тој, предизвикува штета од 500 милиони евра годишно, а потоа испораките на нафта, што предизвика дополнителни загуби и логистички тешкотии.

„Ако на Западот не му пречи што гасоводот „Северен тек“ беше разнесен, Словачка не може да прифати дека словачко-украинските односи се еднонасочен билет од кој има корист само Украина. Словачка е горда и суверена земја, а јас сум горд и суверен Словак“, рекол Фицо.

Тој најавил дека ако снабдувањето со нафта не се обнови, ќе побара од државната компанија СЕПС да ги прекине итните испораки на електрична енергија за Украина. Тој тврди дека само во јануари 2026 година, ваквите испораки, неопходни за стабилизација на украинската електроенергетска мрежа, биле потребни двојно повеќе отколку во текот на целата 2025 година.

Во истиот контекст, Фицо ја оправдува својата одлука дека Словачка не учествува во најновиот заем од ЕУ од 90 милијарди евра за Украина.

„Со оглед на неприфатливото однесување на претседателот Зеленски кон Словачка, која ја третира како непријателска земја, сметам дека е сосема точно што одбив да ја вклучам Словачката Република во тој воен заем“, рекол тој.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто претходно објави дека Будимпешта го блокира одобрувањето на заем од ЕУ од 90 милијарди евра за Украина сè додека не се врати транзитот на нафта, со што Унгарија и Словачка заеднички го зголемија притисокот врз Киев во сегментот на енергетиката и финансиската поддршка.