Фицо: Словачка нема да испраќа војници во Украина

од Stefanija Kuzmanovska
322 прегледи

Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека Словачка нема да испраќа свои војници на територијата на Украина.

Словачка ќе ѝ понуди на Украина можност да обучува војници на наша територија, поточно единици за деминирање, изјави премиерот по состанокот на владата пред самитот на претставниците на ЕУ и другите земји од НАТО денеска во Париз.

Во Париз ќе има разговори за „нов квалитет, нов опсег на поддршка за Украина во наредниот период“, наведе Фицо и додаде дека сака да ја отвори темата за мировниот план.

„Тезите на преговорите сведочат за фактот дека работите во Украина одат далеку над очекувањата. Како е можно да имаме воен план, а не мировен план“, изјави премиерот, пишува словачкиот весник „Стандард“.

Преостанатите две коалициски партии, Глас и Словачката национална партија, се согласија со одлуката да не се испраќаат словачки војници во Украина.

Водачот на Глас, Петер Пелегрини оцени дека доколку европските земји испратат војници во Украина, тоа ќе ја ескалира ситуацијата.

„Во случај да дојде до таква промена и во Украина да бидат стационирани воени системи со војници од странски земји, јас лично тоа го сметам за ескалација на тензиите. Затоа, целосно го поддржувам ставот на владата дека Словачка нема да испрати војници во Украина, туку ќе продолжи со разумна и конструктивна соработка како и досега“, рече тој на прес-конференцијата по состанокот на Владата и Советот за безбедност на Словачка.

Пелегрини оцени дека е грешка што почетокот на мировните преговори не се споменува во агендата на конференцијата во Париз.

Слични содржини