ФИФА потврди: Светското првенство ќе се игра на три континенти

од Vladimir Zorba
169 прегледи

Заедничката кандидатура на Мароко, Португалија и Шпанија беше единствениот кандидат за домаќин на Светското првенство во фудбал во 2030. година и таа е прифатена. Сепак, три натпревари од тој Мундијал ќе се одиграат во Уругвај, Аргентина и Парагвај за да се одбележи стогодишнината од турнирот, кој првпат се одржа во 1930 година во Уругвај. Оваа одлука ќе биде официјално потврдена на Конгресот на ФИФА во 2024 година.

Светското фудбалско првенство за првпат ќе се одржи на три континенти и во шест земји.

„Советот на ФИФА едногласно се согласи единствената кандидатура на Мароко, Португалија и Шпанија да биде домаќин на настанот во 2030 година“, се вели во соопштението на ФИФА.

„Покрај тоа, земајќи го предвид историскиот контекст на првото Светско првенство, Советот едногласно се согласи Монтевидео да биде домаќин на уникатна церемонија за прослава на стогодишнината, како и дека три натпревари на Светското првенство ќе се одржат во Уругвај, Аргентина и Парагвај. “, се додава.

Така, Светското првенство во 2030 година ќе се одржи во две европски земји (Шпанија, Португалија), една африканска (Мароко) и три јужноамерикански (Уругвај, Аргентина, Парагвај).

„Во поделен свет, ФИФА и фудбалот се обединуваат“, изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.

„Во 2030 година ќе имаме уникатен глобален отпечаток, три континенти – Африка, Европа и Јужна Америка – шест земји, Аргентина, Мароко, Парагвај, Португалија, Шпанија и Уругвај, кои ќе го пречекаат и обединат светот додека заедно ја слават прекрасната игра и стогодишнината од Светското првенство“, додаде претседателот на ФИФА.

Следното СП е закажано за 2026 година, а домаќини ќе бидат САД, Мексико и Канада.

Слични содржини