Филипче е против менување на државниот грб, прашува дали во владеачката коалиција се разговара и за измена на химната

од Nikola Popovski
172 прегледи

СДСМ смета дека разговорите за промена на државниот грб е еден од низата неиспланирани предлози на ВМРО-ДПМНЕ. Како што вели претседателот на партијата, Венко Филипче, предлогот беше на маса за време на владеењето на претходната Влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

-Тогаш беше дел од пакет на мерки кој што требаше да се донесе. Конкретно, сметам дека првата дилема што се поставува е дали во коалицијата со ВЛЕН, освен за овој предлог, ќе се разговара и за измена на химната? Тоа е нешто на што ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори. Сметаме дека државниот грб сосема соодветно ги отсликува сите карактеристики на ова поднебје, јасен е континуитетот на НОБ и антифашистичка војна. Нема никаква поделба во однос на етнички групи. Доколку има таква иницијатива, со сите демократски средства најостро ќе се спротивставиме на промена на државниот грб, рече пратеникот и претседател на СДСМ, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција.

Владеачките ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН веќе разговарале за евентуална промена на државниот грб. Според премиерот Христијан Мицкоски, ова прашање е отворено и цени дека „ние сме една од двете пост-социјалистички земји кои што се уште го имаат стариот државен грб со мали модификации“.

ЛДП утрово предложи поставување на рисот на новиот грб, како препознатлив вид, карактеристичен токму за нашата држава.

Ваквата идеја потекнува од 2014 година кога владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски излезе со таков предлог. Тогаш стануваше збор за црвен лав на златно-жолта позадина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина. Меѓу објаснувањата на тогашната власт беше дека Македонија и Белорусија биле единствени во Европа што имаат државен грб инспириран од советската хералдика.

Тогаш ДУИ се согласи на ваков државен грб, нагласувајќи дека лавот е дел и од албанската традиција, а го има и во грбот на градот Тирана. Круната, пак, рекоа, го претставува Скопското кале.

До 2009 година, Македонија го користеше стариот социјалистички грб, додека пак на 16 ноември 2009 година е усвоен грб кој е многу сличен со стариот социјалистички и разликата е во тоа што е тргната црвената петокрака.

Слични содржини