Постои нешто чудесно во македонските големи шанси: тие секогаш траат кратко, се трошат лесно и завршуваат со реченицата „па добро, повеќе среќа следниот пат“. Така беше и против Велс. Натпревар за кој се зборуваше со патетика, како за последен воз за фудбалска зрелост, како за една од последните шанси за пласирање на Светско првенство… а заврши како лекција по понизност.
Не за спортска понизност, туку за колективна. Зашто тука не станува збор само за примени седум гола, ами за седум шамари од кои секојпат одекнуваше лелекот: „Не сме подготвени“.
И тоа не е ново чувство. Тоа го видовме неодамна и на локалните избори, кога една друга „екипа“, онаа политичката, онаа опозициската, одлучи да одигра важен натпревар со истата таа млака енергија.
Фудбалерите излегоа со став дека „ќе одиграат солидно“. СДСМ излезе со став – „ќе нè изненади народот“. И двете страни веруваа дека минатите успеси ќе ги носат и понатаму. Ама минат успех е како празна батерија: ја носиш в џеб, а не ти врши работа тогаш кога најмногу ти треба.
А и нам, кога треба најмногу, некако најмалку нè бива. Тоа чувство на апатична неподготвеност, на чудна мирнотија во очите додека се случува катастрофа, го видовме и во Кардиф и во изборните штабови на СДСМ. Ако го пребараш изразот „зини земјо, проголтај ме“ на Гугл, веројатно ќе излезат две слики: едната од нашиот одличен голман како по седми пат ја вади топката од мрежата, а другата – од поранешната потпретседателка на СДСМ Ана Чупевска како се радува на неуспехот на изборите, цврсто убедена дека тоа е всушност успех.

Фото: Вештачка интелигенција
А не е работата само до поразот. Порази има секој. Трагедијата е во изгледот. Тоа лице што го покажуваш кога губиш. А нашиов колективен израз беше некако… уморен. Како да велиме: „Абе, што да правиш“. Велс дава петти, шести, седми гол, а ние гледаме како да сме на проекција на документарец, не на натпревар со животен влог.
Слично се случи и со СДСМ на локалните избори. Една сериозна политичка гарнитура, наместо да покаже борба, енергија, визија, таа облече костум на смешен губитник уште пред да започне натпреварот. И резултатот? Ист како во Кардиф: убедлив, понижувачки, недвосмислен.
Во двата случаи – и на стадион и на гласачко место – победи оној што барем покажа дека сака да победи. Велс сакаше повеќе од нас. Народот сакаше нешто различно од СДСМ. Во фудбалот, противникот ја почувствува нашата млитавост – и удри. Во политиката, граѓаните ја почувствуваа истата таа млитавост во раководството на СДСМ – и удрија.
Паралелите се премногу јасни за да се игнорираат. Во двата случаи, шансата беше потценета. И во двата случаи, резултатот беше посилен од кој било аргумент или анализа.
Седум гола на терен, 55 општини на политичката карта. Во суштина, исто чувство. Уште една лекција која, ако судиме по историјата, ќе се заборави многу брзо.
Локален херој