По завршувањето на Советот на безбедност во „Вила Водно“, на министерот за здравство, Венко Филипче му беше поставено прашањето за полициски час и споредба на мерките од првиот до вториот бран на Ковид кризата.
Имено, на новинарско прашање за тоа зошто на толку малку заболени лица во првиот бран, имавме строги рестриктивни мерки, а сега на рекордни од вчера 1406 заболени лица во еден ден, не се воведуваат поконкретни рестрикции, Филипче вели:
„Здравствен аспект е причината за секоја рестриктивна мерка. На почетокот имаше едни сознанија, сега има поинакви. Сметаме дека полициски час нема да има ефект, па така, основните принципи се забраната за групирање и носење на маска, што мислам дека вака димензионирани даваат резултат.“
Инаку од почетокот на пандемијата, нашата земја брои 50.015 заразени лица, 19.035 активни случаи, 29.583 излечени пациенти, како и 1397 кои ја загубија битката со Коронавирусот.