Холандскиот производител на медицинска опрема „Филипс“ повлекува дел од апаратите за дишење и респиратори поради делот од пената вграден во нив, која може да се распадне и да стане токсична, потенцијално предизвикувајќи рак, соопшти денеска компанијата.
Пената што се користи за пригушување на звукот на машините може, поради распаѓање, да се претвори во мали честички што се вдишуваат, иритирајќи го респираторниот тракт, се наведува во соопштението на групата за повлекување на споменатата опрема, пренесува Ројтерс.
Гасовите ослободени од пената при распаѓање исто така можат да бидат токсични или да предизвикаат ризик од рак.
Извршниот директор на Филипс, Франс ван Хаутен изјави дека ќе бидат повлечени меѓу три и четири милиони респиратори и уреди за спречување на апнеа, односно респираторна опструкција за време на спиењето.
Холандската компанија издвои уште 250 милиони евра (303 милиони американски долари) за решавање на проблемот откако издвои идентична сума во првиот квартал, според финансискиот извештај објавен во април, со што вкупните трошоци на проблемот се на 500 милиони од почетокот на годината.евра.
Акциите на оваа деловна група паднаа за 4,2 проценти на 44,43 евра на утринското тргување на берзата во Амстердам.